Новости

Две генерации, една цел: Врвна услуга во Мотоцентар – Интервју со Ивана и Кристина

Секоја приказна има свој почеток – некои траат 13 години: Интервју со Ивана и Кристина за нивното искуство во Мотоцентар

Врвната услуга прави разлика на пазарот, а тоа Мотоцентар го овозможува на своите клиенти. Кристина Глигоровска и Ивана Саздовска ќе ни раскажат како изгледа еден работен ден во Мотоцентар и што за нив значи врвна услуга.

Во свет каде што конкуренцијата е сè поголема, токму врвната услуга е таа што создава разлика. Во Мотоцентар, ова не е само фраза – туку секојдневна реалност. За да откриеме како изгледа работниот ден зад шалтерот, но и зад насмевката упатена кон секој клиент, разговаравме со две вработени на позицијата администратор/продажен претставник – Кристина Глигоровска, која е дел од тимот речиси 13 години, и Ивана Саздовска, најновото засилување со една и пол година искуство.

Преку искрен разговор помеѓу колешки, ќе дознаеме што значи посветеност, какви се предизвиците, но и кои се малите моменти што ја прават работата посебна.

Кристина: Кога дојде во Мотоцентар и што те привлече да аплицираш? 

Ивана: Дојдов пред околу година и пол, но ако ме прашате, чувството е како да сум тука многу подолго – на добар начин! Мотоцентар ме привлече како магнет – комбинацијата од силна репутација, професионален тим и вистинска енергија на компанија која не само што продава гуми, туку остава и добар “отпечаток” (и во срцата на клиентите, не само на асфалтот). А и кој може да одолее на компанија што „држи половина автопат“?

Ивана: А ти како се најде тука? Дали веднаш почувствува дека си на вистинското место? 

Кристина: Случајно налетав на можноста преку пријател кој работеше тука и ми препорача да аплицирам. Веднаш штом почнав да работам, почуствував позитивна енергија и добра тимска динамика што ми потврди дека сум на вистинското место.Shape

Кристина: Кога ти дојде, дали имаше некои стравови? Што ти беше најголем предизвик во почетокот? 

Ивана: Да, ќе бидам искрена – имав една мала војна внатре во себе: „Дали ќе се вклопам? Дали ќе запомнам сè?“ Но сето тоа исчезна штом влегов во тимот. Најголем предизвик ми беше да ја фатам брзината на работата – овде не се врти само тркалото од автомобилот, туку и тркалото на динамичност. Сепак, со поддршка и добра волја – и гумите и јас – се завртевме како што треба.

Ивана: Се сеќаваш ли на првиот ден? Какви беа впечатоците? 

Кристина: Секако дека се сеќавам! Бев малку нервозна, но сите беа многу пријатни и подготвени да помогнат. Атмосферата беше позитивна, а јас веднаш почуствував дека сум дел од тимот.

Кристина: Што те изненади најмногу во првите месеци од работата тука? 

Ивана: Искрено – позитивната енергија во тимот! Не очекував дека фирма со таква големина и обем на работа може да негува толку пријатна и блиска атмосфера. Ме изненади и колку многу знаење има зад секој производ. Мислев дека гума е гума… ама во Мотоцентар сфатив – не постои „обична“ гума!

Ивана: Како изгледа еден твој типичен работен ден? 

Кристина: Типичен ден започнува со проверка на задачи и приоритети за денот. Потоа следуваат контакти со клиенти, координација со колегите, завршување на тековни обврски и понекогаш некои нови предизвици. Секој ден е различен, што ја прави и работата да биде интересна.

Кристина: Како се смени односот со клиентите низ годините, според твоето искуство? 

Ивана: Односот стана поотворен и подинамичен. Клиентите денес очекуваат брзина, точност и пријателски пристап. Не бараат само производ – бараат доверба и искрен совет. Со искуство учиш дека најважно е да слушаш внимателно, да реагираш професионално и секогаш да покажеш почит. Тоа секогаш се памети.

Ивана: А што најмногу те изненади во комуникацијата со клиенти кога почна да работиш? 

Кристина: Најмногу ме изненади колку е важно внимателно да се слуша клиентот. Понекогаш тие не знаат точно што им треба, но ако ги слушаш со внимание, можеш да им го понудиш вистинското решение. Исто така сфатив колку многу влијае тонот и начинот на комуникација, дури и наједноставната услуга станува повредна кога е придружена со љубезност и разбирање.

Кристина: Кој беше првиот важен совет што го доби поврзан со работа со клиенти? 

Ивана: „Секој клиент е различна приказна, но сите сакаат едно – внимание.“ Овој совет го носам со себе секој ден. Ми помогна да разберам дека не продаваме само производ, туку и доверба, сигурност и добра услуга – во комплет со насмевка.

Ивана: Имаш ли некоја ситуација со клиент што ти останала во сеќавање? 

Кристина: Да, имаше една ситуација со клиент кој дојде многу фрустриран поради претходно лошо искуство. Наместо да се бранам, само го сослушав со разбирање и му понудив решение што не го очекуваше. На крајот ни се заблагодари и остана редовен клиент.

Кристина: Имаш ли некој момент со клиент кој никогаш нема да го заборавиш? Нешто што те прави горда? 

Ивана: Да, ќе го издвојам еден случај кој секогаш ми буди гордост. Клиентка дојде несигурна, со многу прашања и дилеми околу изборот на гуми за долг пат со семејството. Посветив време да ѝ објаснам сè – од безбедносни карактеристики, до совети за одржување. Видливо се почувствува сигурна во изборот, но она што ме трогна беше тоа што подоцна испрати порака со фотографија од патувањето и зборовите: „Благодарение на вас, се чувствувавме безбедно и без грижи.“ Таквите моменти се потсетник дека нашата работа има влијание што оди далеку надвор од продажбата – таа гради доверба и спомени.

Ивана: Што ти помага најмногу кога е стресно – колегите, музика, пауза…? 

Кристина: Во стресни ситуации, најмногу ми помага подрршката од тимот. Отворената комуникација и меѓусебната помош се клучни – некогаш и краток разговор со колега / колешка ми помага да се фокусирам и да најдам решение. Исто така се обидувам да бидам смирена преку длабоко дишење, кратки паузи и фокусирање на она што можам да го контролирам.

Кристина: Што ти помага да се справиш со стресот на работа – тимот, атмосферата, нешто друго? 

Ивана: Тимот ми е како најдобра терапија – една доза шега, две дози разбирање и неограничена поддршка. А и кога ќе видам дека клиентите си заминуваат насмеани, заборавам на секаква напнатост. Инаку, кафе и кратко „вдишување-длабоко-издишување“ помагаат магично!

Ивана: Колку ти значи поддршката од колегите кога имаш тежок ден? 

Кристина: Многу ја ценам поддршката од колегите бидејќи верувам дека силен тим се познава токму во тешките моменти. Кога сите сме заедно не само што полесно се надминуваат предизвиците, туку и се гради доверба и меѓусебно почитување.

Кристина: А што мислиш дека ти им пренесуваш на поновите колеги?

Ивана: Свежина, енергија и голема желба за учење. Сакам да покажам дека иако сум понова, можам да бидам пример за тоа како се сака работата. А и умеам да направам паузата за кафе да биде со стил – секогаш со некоја позитивна приказна!

Ивана: Што научи од поискусните колеги откако дојде во тимот? 

Кристина: Имаше една ситуација кога се соочив со предизвик што не знаев да го решам. Еден поискусен колега не само што ми помогна да го решиме, туку и ми објасни зошто така постапуваме. Тоа ми покажа колку е важно не само да се бара помош, туку и да се учи од секоја ситуација. Исто така поискусните колеги ми покажаа како да поставувам прашања без страв и како да дадам и прифатам фидбек на конструктивен начин.

Кристина: Што те мотивира да доаѓаш на работа секој ден со позитивна енергија?

Ивана: Секој нов ден ми е како нова трка – иако не сум Ф1 возач, уживам во чувството дека сме секогаш во движење. Ме мотивира тимот, клиентите, и тоа што знам дека тука растам – и како личност, и како професионалец. А и секое „фала“ од клиент ми е како медал!

Ивана: Имаш ли некој свој пристап или техника што секогаш го применуваш за да ги воодушевиш клиентите?

Кристина: Да, имам свој пристап кој го користам секогаш кога работам со клиенти – се трудам да ја разберам нивната реална потреба, не само да им понудам производ. На пример, кога некој ќе дојде да купи гуми, не прашувам само која димензија му треба, туку и каде најмногу вози, каков е стилот на возење, дали му е поважна удобност, економичност или издржливост. Со тоа им давам препорака што е навистина најдобро за нив. Исто така кога има промоција на одреден производ или некоја акција што следи со производот се обидувам да го информирам клиентот однапред, со тоа што сакам клиентот да знае дека му се нуди она што е најдобро во моментот во однос на цена и квалитет.Shape

Кристина: Што мислиш дека клиентите најмногу ценат кај нас? 

Ивана: Искреноста, стручноста и тоа што не гледаме на клиентите само како бројка. Кај нас, секој клиент добива внимание како да е најважниот – затоа што и е. Плус, имаме тајна состојка – добар хумор и одлична услуга.

Ивана: Според тебе што ја прави нашата услуга врвна? 

Кристина: Мислам дека она што ја прави нашата услуга врвна е комбинација од квалитетни производи, стручен персонал и искрена посветеност кон клиентите. Не се работи само за продажба на гуми, туку и за тоа клиентот да добие точен совет, брза и професионална услуга и чувство дека може да се потпре на нашата компанија и следниот пат. Дополнително, сезонско чување на гуми, бесплатна консултација, брза монтажа, центрирање на преден и заден трап, проверка на притисок на гумите, поврат на средства со секоја фискална сметка на нашата Мотоцентар Плус Картичка е голема додадена вредност што ја ценат клиентите и со тоа докажуваме дека ние не само продаваме/ нудиме производ туку изнаоѓаме и целосно решение.

Кристина: Што според тебе ја издвојува нашата компанија од другите? 

Ивана: Мотоцентар не е само бренд – тоа е искуство. Кај нас нема „шаблон“, има искрен пристап и квалитетна комуникација. Компанијата е позната по стручноста во областа во која делуваме и сервисните услуги што ги нудиме – тоа е нешто што клиентите го препознаваат и го ценат. Од логистиката до последниот сервис – функционираме како подмачкана машина. Не случајно велам: „Ако не е Мотоцентар – не е тоа тоа!“

Ивана: Како би ја опишала услугата што ја даваме на некој што не не познава (иако мислам дека такви нема)? 

Кристина: Би ја опишала услугата како професионална, сигурна и ориентирана кон клиентот (за оние што moжеби не не познаваат 🙂 ) Кај нас не добиваш само гуми туку и целосна грижа за твоето возило. Од избор на вистински гуми според твоите навики и буџет до професионална монтажа и балансирање на истите, па дури и сезонско складирање ако е потребно. Се е на едно место, брзо и со насмевка. Тоа што не издвојува од останатите е искрената комуникација, знаењето и фактот што сакаме клиентите да ни се вратат, не да купат само еднаш.

Иако Кристина и Ивана се на различни точки во нивниот професионален пат, двете споделуваат ист дух – љубов кон работата, грижа за клиентот и верба во тимот. Нивната приказна е доказ дека во Мотоцентар, не е важно само колку долго си дел од тимот, туку колку срце вложуваш секој ден. Од првиот контакт со клиент, до последната проверка на притисокот во гумите – тука, секој детал е важен.
Токму таа посветеност и човечката страна на услугата се она што ја прави разликата. Затоа, кога некој ќе каже дека „Мотоцентар држи половина автопат“ – верувајте, не мисли само на гуми. Мисли на луѓето кои стојат зад тие услуги.